Коронавирусот преку ноќ успеа да го промени пазарот на трудот. Глобалната пандемија има сериозно влијание на економијата и сигурноста на работните места. За жал, ќе бидем сведоци на големи штети во многу индустрии. Голем број луѓе веќе ги загубија своите работни места, а овој тренд се очекува да продолжи и во иднина, дури и откако земјите ќе ги укинат мерките за ограничување.
Светските влади им наредија на своите граѓани да се затворат и изолираат со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Дел од компаниите побараа од своите вработени да работат од дома. Забранети се големи јавни собири на луѓе. Поради ограничувањата и стравот, луѓето не патуваат, не одат во ресторани, не престојуваат во хотели, не се забавуваат на концерти и не се рекреираат на спортски настани. Сето ова што го споменавме погоре е моментално забрането од државните лидери и релевантните институции, а овој тренд се очекува да продолжи и откако пандемијата ќе заврши.
Дигитална ера
Имајќи предвид дека образовните институции се затворени, учениците и студентите се заглавени дома, а времето го исполнуваат играјќи видео игри онлајн. Децата, како и некои возрасни, сè повеќе својата забава ја наоѓаат во игрите, особено сега во отсуство на спортски настани. Исто така, тоа е начин на интеракција со пријателите и семејството за одржување на социјалните односи додека практикуваме социјално дистанцирање. Сè додека трае овој тренд, работните места во овој сектор се безбедни, па дури и ќе се отворат нови, се со цел да се задоволи побарувачката.
Според Фајненшал Тајмс, ИТ компаниите сè уште вработуваат луѓе со цел да го искористат целиот потенцијал кој го нуди светот кој се дигитализира поради коронавирусот. Овие компании се посилни на пазарот, вели ФТ. ФТ исто така тврди дека околу 15.552 работни места биле создадени само во Калифорнија.
Големите ИТ корпорации во светот имаат на располагање огромни суми на пари и се обидуваат да ја искористат секоја можност во ова време. Меѓу овие компании се вбројуваат Амазон, Гугл, Епл, Мајкрософт и Нетфликс. Сите тие сега имаат голема предност.
Луѓето кои работат во обие области лесно може да пронајдат работа. На пример, Амазон вработува 100.000 работници поради поголемата побарувачка. Со оглед на тоа што луѓето работат работат од дома и не можат – или не сакаат – да излезат од дома, Амазон им е природен извор за снабдување. Добивката на Амазон е всушност загуба за малите и средни продавачи.
Туризам и настани
Постојат голем број други сектори каде работните места ќе се намалат. Компаниите кои се занимаваат со туризам, спортски настани и концерти ќе бидат најпогодени. Компаниите генерално ги суспендираа деловните патувања, а со оглед на моменталната ситуација, тоа нема да се промени и во следните неколку месеци. Семејствата нема така лесно да се одлучат да патуваат поради стравот да не се заразат, а истото важи и за љубителите на концертите и патувањата кои нема лесно да се осмелат да патуваат откако кога ограничувањата ќе бидат укинати.
Авиокомпаниите, производителите на авиони и нивните добавувачи, одморалиштата, хотелите, рестораните и организаторите на спортски настани и конференции исто така ќе бидат многу погодени. Со нагло прекинување на нивното работење, компаниите од овие области ќе бидат принудени да го намалат бројот на вработени или радикално да го намалат работното време. Голем број компании можеби не ќе можат да го дозволат и тоа, па целосно ќе згаснат.
Тежок удар ќе претрпи и производствениот сектор. Трите најголеми производители на автомобили во Детроит – Џенерал Моторс, Форд и Фиат Крајслер – најавија дека привремено ќе ги затворат своите фабрики во САД. Ова ќе има големо влијание врз работниците на линија и нивните раководители, а ќе бидат засегнати и сите добавувачи на делови вклучени во ланецот на производство. Тргоците веќе ги губат своите работни места.
Истото ќе се случи и на пазарот на недвижности. Недовербата помеѓу луѓето кои сè уште ќе стравуваат од Ковид-19 ќе ја намали побарувачката за недвижности и бизнисот ќе страда.
Скот Стрингер, градски надзорник на Њујорк, вели дека до јуни дури 75% од хотелите ќе останат празни. Исто така, предвидува и дека агентите за недвижнини ќе изгубат 20% од нивната продажба.
Нафтени компании
Економските пукнатини се појавуваат и на места како што се компаниите за нафта и гас. Саудиска Арабија и Русија го преплавија пазарот со ефтина нафта, а луѓето патуваат помалку. Нафтените компании работат нерентабилно, а нивните акции бележат пад. Само прашање на време е пред да се појават масовни отпуштања во овој сектор.
Веб страницата за невработени на која луѓето од Њујорк се пријавуваат за социјална помош имаше толку многу сообраќај во понеделникот што привремено беше недостапна. Во Конектикат, драстично се зголемија барањата за вработување, а 25.000 луѓе се пријавиле за само четири и пол дена.
Поради несигурноста што ја донесе пандемијата, целиот свет наиде на запирање на процесите на вработување, како и голем број на масовни отпуштања. Ова е тековен тренд за кој експертите велат дека може да продолжи и во иднина, не поради ограничувањата туку поради стравот, така што фокусирањето кон дигитален бизнис не е воопшто лош избор.