Турските власти веќе плаќаат 60 проценти од платите на вработените во фирмите кои се погодени од пандемијата, а најавени се и нови мерки за помош.
Владата на Република Турција им забрани на работодавците да отпуштаат работници во екот на глобалната пандемија од COVID-19.
Министерката за труд, социјална политика и семејства на Турција, Зехра Зумрут Селчук соопшти дека работодавците во рок од три месеци не можат да раскинат договори за работа, освен во пропишани ретки случаи, јавува агенцијата Anadolu.
Таа, исто така, соопшти дека турската влада ќе плати и до 39,24 лири (5,7 долари) дневно на сите работници кои се испратени на неплатен одмор и тоа за период од три месеци.
Најави и дека ресорното министерство ќе ги сноси трошоците за сите стари и немоќни лица во приватни старечки домови и центри за нега.
Турскиот парламент утрово одобри неколку нови чекори за ублажување на влијанието на пандемијата врз економскиот и социјалниот живот во таа земја. Мерките се однесуваат и на работниците кои останале без работа по 15 март оваа година.
Во Турција, со коронавирус се заразени 69.392 лица. Умреле 1.518, а се излечиле 5.674 заболени.