
Македонска ИТ компанија изработи платаформа Македонијапомага која треба да преставува мост помеѓу оние на кои најмногу им е потребна помош во сегашните отежнати услови на живеење поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, од една и оние кои можат и сакаат да им помогнат, од друга страна.
Секој кој може и сака на кој било начин да им помогне на ранливите категории и на оние кои не се во можност (со достава на производи, лекови, донации, превоз или превозно средство на располагање и слично) може да се регистрира како волонтер на нашата платформа. Од друга страна, сите оние на кои им е потребна било каква помош, истата може да ја побараат преку платформата и ќе имаат преглед на сите регистрирани волонтери, нивната локација и она што може да им го понудат, велат креаторите на платформата.
Тие потенцираат дека се добредојдени и компании кои на било каков начин можат да дадат придонес за населението, медицинскиот или бизнис секторот да се пријават како волонтери.
Целта, додаваат, е обезбедување на one-stop платформа за помош на оние кои имаат недостаток од ресурси (човечки и материјални) за да се справат со ситуацијата и да ги извршуваат своите дневни обврски и искористување на потенцијалот на оние кои се во можност да помогнат, со нивно правилно дисперзирање, благодарение на софтверот.
Македонијапомага е иницијатива покрената од тимот на Ултрасофт, млада македонска ИТ компанија, основана во 2017 година од страна на двајца млади претприемачи од ИТ индустријата, Дилавер Алиоски и Армен Лутишоски.