Државата ќе дозволи бесплатно да се обработува околу 9,7 милиони квадратни метри земјоделско земјиште за одгледување на житни култури, мешунки, маслодајни култури и фуражни култури.
Турските власти развија проект за издавање под закуп на јавно обработливо земјиште на земјоделците, јавуваат турските медиуми. Ваквото решението донесено под итна постапка, има за цел да го зголеми земјоделското производство и да ги задоволи потребите на храна во земјата за време на кризата со корона вирусот.
Во првата фаза од проектот ќе се издаваат 9,7 милиони квадратни метри земја. На ова земјиште ќе се одгледуваат стратешки култури, како што се житарици, мешунките, и фуражни земјоделски култури. Земјоделците ќе го користат земјиштето без да плаќаат кирија, а ќе бидат обезбедени и дополнителни стимулации за земјоделците посебно за жените и младите земјоделци.
Според владините претставници, целта е да не се остави ниту еден сантиметар обработливо земјиште необработено. Плаќањата за веќе закупеното јавно обработливо земјиште ќе се одложат за 6 месеци. Ова ќе влијае на 51.000 земјоделци кои имаат договори за закуп на земја.
Проектот за подобрување на земјоделското производство ќе се спроведе во источните провинции Карс, Ерзурум, Ерзинчан, Муш, Бингол и во централните анадолски провинции Кајсери и Сивас. Земјоделците од 42 села и градови ќе имаат можност да аплицираат за добивање на одредено земјиште.
Во меѓувреме, Министерството за земјоделство на Турција исплати 7,9 милиони американски долари помош на земјоделците како поддршка во соочувањето со проблемите во екот на заканата од вирусот COVID-19.