Рудникот за олово и цинк САСА продолжи со производство и продажба на метален концентрат, при што ги исполни планираните производни цели за првиот квартал од оваа година. Како резултат на тоа, раководниот тим на САСА одлучи на сите вработени, покрај редовните плати, да им исплати и премија (бонус) за нивниот придонес во исполнување на планираните производствени параметри.
Како што соопштуваат од САСА, најголеми премии добиле рударите, техничкиот кадар и персоналот што работи на одржување на опремата во рудничките јами.
Од почетокот на 2020-та платите на вработените, се посочува во соопштението, во Рудник САСА се зголемени во просек за дополнителни пет проценти.
Како превенција пак од ширењето на Ковид-19, соопштија денеска од рудникот САСА, обезбедена е лична заштитна опрема за вработените и членовите на локалната заедница, воведени се засилени хигиенски практики согласно упатствата од здравствените институции и препораките на Владата, направена е детална ревизија на сите работни операции, вклучително и во рудничката кантина и при транспортот на вработените за да се обезбеди неопходната социјална дистанца, а е ограничен и пристапот на надворешни посетители во рудникот.