Угостителите и други субјекти од Куманово до крајот на годината нема да плаќаат сметки за користење на летни бавчи и друга урбана опрема, одлучија советниците на последната седница на општина Куманово.
Надлежните од секторот за комунални дејности од општина Куманово денеска информираа дека претходно, надоместокот за времено користење на градежно неизградено земјиште согласно програмата за уредување на градежно земјиште на подрачје на Куманово, според зоните се движел од три, два и еден денар за метар квадратен на ден.
-Новата одлука предвидува ослободување од надоместокот по однос на сите ставки до крајот на годината, појаснуваат од секторот.
Оваа одлука ја донесоа советниците, а следеше како заедничка иницијатива на општината и на угостителите, кои меѓу првите се соочија со економски пад како последица од пандемијата на Ковид 19. На овој начин сметаат надлежните ќе се ублажат негативните економски последици со кои се соочуваат угостителите.
Од секторот појаснуваат дека не можат да интервенираат во комуналната такса која законски е утврдена и според податоците во Куманово изнесува пет денари за метар квадратен што е најниска ставка, согласно Законот.