Угостителите се подготвени, терасите се исчистени и наместени, се чекаат само одлуките на Владата за да почнат да работат.
-Протоколите се даде од министерството за здравство и Центарот за јавно здравје, овие протоколи пред се се` однесуваат на заштитата на здравјето на граѓаните. Не се наша идеја туку се предлог на министерството за здравство. Идеите се разгледани од страна на економските субјекти и со нивни забелешки ќе бидат доставени до министерството, велат од Стопанска комора на Македонија.
Од комората напоменуваат дека за фирмите во спроведувањето на протоколите најважно ќе биде да се заштити здравјето на граѓаните.
-Важно е растојанието, дезинфекцијата, а за правилото за носење маски се дебатира. Новите 5 протоколи ќе бидат спроведени во моловите, угостителските објекти, и транспортот односно сите дејности кои беа затворени на 15 март. Дел од овие предложен протоколи веќе се применуваат во маркетите и фабриките, велат од Стопанската комора на Македонија.
Министерот Венко Филипче на вчерашната прес-конфернција изјави дека протоколите како ќе работат рестораните и кафулињата се спремни, но сè уште е во тек комуникацијата помеѓу сите засегнати страни. Според најавите од министерот Венко Филипче, тие може да се отворат веќе наредната недела, а ставот на здравствените власти е да работат само терасите.
„Во однос на протоколите, да кажам дека ставот е рестораните и кафичите на почеток да работат само надвор, со одржување на дистанцата, а во јавниот превоз задолжително носење и спроведување на систем за проверка за носење на заштитните маски. Но, дозволете сето тоа да се финализира и до крајот на неделата да се објави и некаде од почетокот на следната недела тоа да биде во функција“, рече Филипче.
Некои скопски кафулиња веќе започнаа пополека да се подготвуваат за стартот за работа. Некои од нив ги поставуваат масите на растојание од 2 метри, дел од нив ставаат провидни панели помеѓу масите. Додека се прецизираат мерките за враќање на животот во нормала неофицијално во рестораните и кафулињата на маса ќе може да седат максимум 4 лица со пријатели и познаници.
Покрај за рестораните, готови се и протоколите за работа за сите Центри за едукација и курсеви, како и за автошколите и возачките испити, библиотеките, но се чека повратен одговор од одредени институции за да се објават и да почнат да се имплементираат.