Катар Ервејс им подарува 100.000 бесплатни авионски билети на сите медицински работници ширум светот во знак на благодарност за нивните херојски напори за време на пандемијата COVID-19.
Билетите се достапни за резервација од денес – Меѓународниот ден на медицинските сестри / техничари. Со тој потег компанијата им се заблагодарува за она како што се наведува – херојски чин на посветеност од страна на медицински професионалци ширум светот.
Бесплатни билети ќе бидат достапни за резервации од 12 до 18 мај годинава.
Професионалните здравствени работници можат да се регистрираат за таа специјална понуда на qatarairways.com/ThankYouHeroes со пополнување формулар и примање специјален промотивен код, заснован на системот „прв пријавен – прв услужен”.
Медицински работници кои можат да конкурираат се: доктори, медицински техничари, медицински сестри, болничари, фармацевти, лабораториски техничари и медицински истражувачи, а на аеродромот за време на пријавувањето за летање мора да биде приложен важечки документ за идентификација од страна на работодавачот.
Билетите мора да бидат резервирани најдоцна до 26 ноември, а искористени до 10 декември 2020 година.