Неизвесно е дали германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер ќе форсира продолжување на т.н. Западнобалканско правило за олеснет пристап на работници од овој регион на пазарот на трудот во Германија, пишува Дојче Веле
Зголемениот број на невработени во Германија, како директна последица на мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот, може да го натера Министерството за внатрешни работи да го промени својот првичен став во прилог на продолжување на Западнобалканското правило.
Од извори на пратеничката група на партиите на Унијата, ЦДУ на Меркет и баварската ЦСУ, се дознава дека неделава ќе биде формулиран конечен став за ова.
За Матијас Миделберг од ЦДУ, инаку портпарол на пратеничката група на Унијата за внатрешнополитички прашања, пологично е да се вработат повеќе бегалци со признат статус.
Во случај на продолжување на Западнобалканското правило, не би се очекувал конфликт со Министерството за труд, кое ја има главната надлежност околу ова прашање, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од јануари 2016 година луѓе од Северна Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија и Косово можат да добијат работна виза за Германија и без познавање германски јазик и без повисоки работни квалификации. Услов е апликантот да приложи работен договор и да даде согласност Агенцијата за вработување. Исто така, услов е претходно да не користел социјална помош.
Западнобалканското правило беше воведено како одговор на високиот број на баратели на азил од регионот, а неговата важност истекува во декември.
Една студија објавена во април, а направена по налог на Германското сојузно министерство за внатрешни работи, констатира дека луѓето кои стигнале во Германија во првите две години по воведувањето на правилото, во просек заработуваат бруто саатница од 12 евра. Околу 13 проценти од нив се жени, а студијата покажува дека 58 проценти од пристигнатите работат како квалификувани работници. Мнозинството од нив, како што пренесува Дојче Веле, немале стручна спрема, туку „неформални квалификации“.
Надеж за продолжување на правилото влева изјавата на портпаролот на Зелените, Филиц Полат, кој смета дека крутите услови за квалификација која треба да одговара на германската диплома е погрешно и дека Германија како земја има корист од тоа на луѓето да им се даде шанса, без оглед на тоа дали во џебот носат факултетска диплома или пак сведетелство за одредена квалификација.