Владата и Комисијата за заразни болести ќе предложат продолжување на вонредната состојба во земјата, додека Уставниот суд ја укина посебната забрана за движење што важеше за старите лица и за малолетниците.
Во Македонија се потврдени уште 29 случаи на коронавирус (од направените 349 тестирања), и тоа девет во Скопје, шест во Прилеп, пет во Тетово и по два во Струга, Велес, Битола и Охрид.
Вкупната бројка заразени досега изнесува 1.723, при што има 393 активни случаи.
Седумдесетгодишен велешанец е 96. жртва на КОВИД-19 во земјата.
Оздравеле 1.235 лица, шест повеќе од вчера.
Министерот за здравство Венко Филипче извести дека утре ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба, која првпат беше прогласена на 18 март, па обновена по еден месец.
Уставниот суд времено ја поништи владината уредба со која лицата над 67 години смееја да излегуваат само од пет до 12 часот, а малолетниците од 12 до 19 часот.
Од утре, полицискиот час за сите ќе важи од 19 до 5 часот.
Извор: Kamenica.mk