Коронавирусот би можел да исчезне самостојно пред научната јавност да открие вакцина против смртоносната болест Ковид-19, вели поранешниот главен онколог во Светската здравствена организација, Карол Сикора.
Постои реална веројатност дека самиот коронавирус ќе „изгори“ природно пред да ја развиеме вакцината, напиша Сикора на Твитер, кој сега работи како декан на Медицинскиот факултет на Универзитетот Бекингем.
Насекаде гледаме приближно слична шема и мислам дека имаме развиено поголем имунитет на коронавирусот отколку тоа што се проценува. Мора да продолжиме да го забавуваме вирусот, но тој може да исчезне и сам од себе, додаде тој.
Објавата на Сикора предизвика бурни реакции во јавноста, а повеќето луѓе бараат од овој експерт да објасни како тоа може да се случи. На ова, Сикора додаде дека тоа е само негово мислење и едно од сценаријата кои би можеле да се случат во моменталната ситуација.
Експертот посочи дека никој не може со сигурност да каже што ќе се случи и апелираше до граѓаните да се придржуваат кон правилата за социјално дистанцирање“, пренесува Russia Today.
Компаниите и државите ширум светот се уште работат на развивање на вакцина против коронавирусот кој досега зеде 313.000 човечки животи. Претходно оваа недела, СЗО објави дека на осум „кандидати“ за вакцина се вршат клинички испитувања, додека дури 110 се во фаза на претклинички истражувања.
Сепак, се уште не е познато кога лекот против коронавирусот ќе биде готов бидејќи успешниот развој може да трае со месеци, а во некои случаи и со години, сметаат експертите.
Така на пример, и покрај долгогодишните истражувања и тестирања, медицинските научници се уште немаат развиено вакцина против САРС, кој за првпат се појави во 2002 година, ниту за МЕРС чија епидемија е регистрирана во 2012 година.