Ако нешто научивме од карантинот, тоа е дека премногу време на работа трошиме без причина
Времето поминато во решавањето на проблемот ни во најмала рака не значи дека целиот тој период бил продуктивен. Напротив. Колку е тешко или лесно за вас да постигнете нешто зависи од претходното знаење (се разбира), но многу повеќе од искуството што го имате.
Професионалец ќе заврши одредена работа за дури четири пати помалку време од почетник.
„Да работите помалку“ исто така може да значи и „да работите подобро“. Ако добро го процените потребното време и се подготвите на вистински начин, вие сте на одличен пат. За да ви биде појасно што значи ова во пракса, одговорете на овие пет прашања.
1. Дали времето го трошите на одржување или напредување?
Процесите поврзани со одржување се сето тоа што го правиме за бизнисот да опстане, односно она што е суштинско за вашата работа да продолжи да постои. Дневни контакти со клиенти, сметководство, одговарање на прашања - сето тоа е неопходно.
Покрај тоа, постојат и процеси кои ја развиваат и подобруваат вашата деловна активност. Треба да им посветите посебно внимание на нив. Нови работни места, нови начини, нови клиенти.
2. Кои работи може да им ги проследите на другите?
Никој не може да направи сé сам, но честопати поминувате многу време обидувајќи се да го направите она што не можете да го направите сами. Немојте. Пронајдете доверлива личност и доверете и ги задачите за секојдневно одржување.
Можеби е вистинско време да се свртите кон некоја апликација. Постојат многу виртуелни асистенти кои ќе ја направат вашата организација поефикасна и побрза и ќе ги обединат сите задачи пред вас.
3. Ако вашиот работен ден трае само два часа, што ќе направите?
Одговорот на ова прашање, всушност, ќе ви ги открие вашите деловни приоритети. Затоа што единствената работа што навистина е важна е она што ќе го ставите во тие два часа. Кога имате осум или повеќе часови пред вас, лесно може да се задржите беспотребно на работни задачи што ви одземаат време без причина.
Започнете со правење на список на кој ќе има до пет приоритетни ставки и потоа исполнете ги истите. Се останато што ќе ви падне на памет оставете го за следниот ден. Или никогаш не правете го тоа - ако воопшто не е важно.
4. Ако вашата работна недела трае само два часа, што ќе направите?
Ова е многу потешко. Кога размислувате за тоа, ќе ја издвоите суштината на вашиот бизнис поради која решивте да станете претприемач.
Одговорот на ова прашање ќе ве запознае со она што носи пари и ви помага да се развивате понатаму. Ова е тоа на што треба да посветите дел од секој работен ден и на што не треба да штедите време.
5. Како денешните работни задачи влијаат на иднината?
Обидете се да ги поставите секоја од дневните обврски во поголема слика, односно крајна цел што сакате да ја постигнете. Тогаш јасно ќе ги раздвоите основните од ирелевантните, важните од практично непостоечките задачи.
Што мислите сега? Колку беше успешен вашиот ден? Преземајте мали чекори, ослободете се од потребата да бидете во тек со се и започнете храбро да се движите кон врвот.