Владата донесе одлука од утре, 17 јуни, да се отворат сите гранични премини во земјата со примена на заштитните мерки. При влез во земјава е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.
Исто така останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на земјава нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.
Останува и можноста граѓаните кои се во државен карантин и што сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок. Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.
Владата на денешната седница го дополни Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на земјава, и од утре протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ земјава. Останува одредбата во протоколот која пропишува дека транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.