Да не се вози во автобус и секое утро да мери температура: Секој што ќе влезе во Македонија мора да почитува правила
Не треба да прават ПЦР тестови при влез во земјава, но сите македонски и странски државјани кои ќе влезат во земјава од странство ќе мора во текот на првите 14 дена да почитуваат некои правила. Владата го објави протоколот за спречување и ширење на Ковид-19 при влез во земјава, а во нив стои меѓудругото и дека ако овие лица се движат надвор задолжително треба да одржуваат дистанца и да носат маски.
Но, ним им е забрането и да се возат во тие 14 дена во јавен градски и меѓуградски превоз. Едно од правилата е тие секој ден наутро да си мерат температура.
„Мерење телесна температура наутро и доколку е поголема од 37,2 степени целзиусови или ако лицето има симтоми односно треска, кашлица, отеженато дишење, сува надразителна кашлица да го контактира телефонски својот матичен лекар или со сопствено возило и еден придружник се јавува на преглед во најблиската здравствена установа каде врз основа на клиничката слика се одлучува за понатамошен третман“, стои во протоколот.