Скоро 90.000 Шпанци се натпреваруваа за 3.000 работни места - редари на плажа. Работното место, кое се состои од патролирање на плажа и предупредување на пливачите да се придржуваат кон мерките и да одржат растојание од два метра, е најпосакувана работа ова лето, пишува ДВ.
Помадите први се пријавија за ова работно место. Причината за тоа е што од една страна станува збор за напорна работа во летните горештини, а од друга страна затоа што младите Шпанци се најмногу погодени од коронакризата. Повеќе од милион Шпанци ги загубија своите работни места поради пандемијата - половина од нив се на возраст под 35 години.
Работното време е од 9 до 15 часот, а нето платата е 1.500 евра, што е солидно за шпански услови.
Работата на редарите на плажа ја смисли регионалната влада на Андалузија. Тие се надеваат дека ќе „убијат две муви со еден удар“, рече Ана Селија Гонзалес, раководител на Институцијата за цивилна заштита во Малага. „Главната цел е, се разбира, да се спречи ширењето на инфекцијата и да се води грижа за безбедноста на капачите.“ Но, проектот има за цел да и помогне на локалната туристичка индустрија да се врати на нозе, затоа што пред кризата вработи повеќе од 300,000 Андалузијци.
Шпанија досега нема забележано масовен прилив на туристи, иако границите се отворени. Со туризмот кој учествува со околу 12% од БДП и скоро 13% од сите вработени Шпанци кои работат во туризам и сродни дејности, нивните власти мораа да реагираат брзо и да изготват стратегија за намалување на невработеноста, особено кај младите луѓе, чија невработеност во екот на кризата се искачи на над 50 проценти.