Германскиот индустриски конгломерат „Сименс“ најави дека ќе им овозможи на повеќе од една третина од своите вработени да работат од дома трајно, два или три пати неделно.
Компанијата со седиште во Минхен оцени дека пандемијата „покажала дека работењето надвор од фиксното работно место има многу предности и е возможно во многу поголем обем отколку што се сметаше претходно“.
Новиот аранжман се однесува на повеќе од 140.000 вработени на над 125 позиции во 43 земји, соопшти „Сименс“, каде работат повеќе од 380.000 работници.
Конгломератот вели дека неговиот концепт наречен „мобилна работа“ не мора да значи работа од дома, но дека вработените ќе можат да „изберат да работат таму каде што се најпродуктивни“ во договор со нивните шефови.
Новиот пристап ќе се прилагоди на законските барања на државите во кои работи „Сименс“, деловните потреби на компанијата и потребите на вработените поединечно.