Пандемијата од коронавирусот им ги промени плановите на идните брачни двојки кои сакаат да ја овековечат својата љубов. Тоа важи за целата индустрија што се занимава со оваа дејност, почнувајќи од салони за венчаници, цвеќарници, салони за разубавување, сали за венчавки, фото студија, рачни изработки (китенки, венчиња и други свадбарски детали).
Бидејќи коронавирусот се шири во затворен простор и меѓу повеќе луѓе на едно место, надлежните апелираат да не се прават масовни собири и вакви свечености за да не се загрози здравјето на луѓето.
“Оваа работа ја работиме повеќе од 15 години. Освен цвеќе, на нашите клиенти им нудиме и други услуги, но откако избувна пандемијата во март, прометот ни е навистина намален за над 90%. Тешко се справуваме, бидејќи имаме трошоци што не зависат од тоа колку ќе сработиме, но тие мора да се подмират. На крајот на денот, тешко е, но сепак пандемијата нè научи дека здравјето е поважно од било што друго“, вели Јована Т. сопственичка на цвеќарница.
Таа вели дека години наназад работи на различни свадби, на младенците им ги нуди своите услуги, што опфаќаат украсување на домови, автомобили, просторот каде се прави свадбата, китенки, бидермаер, покани, подароци…
Во овој “свадбарски“ сектор, исто така, погодени се салоните што шијат и изнајмуваат венчаници.
“Многу ми е жал што толку свадби се откажаа во последните месеци. Има невести кои се откажаа од свадбата и не сакаа да ја земат венчаницата, а има и такви кои настојуваат да им биде готова венчаницата и да чекаат да пројде пандемијата за да се облечат во бело. Мене ми е навистина тешко бидејќи морав да го затворам дуќанот каде што работев, поради киријата и другите трошоци, но сепак сум достапна за моите клиентки во секое време“, вели Снежана М., која долги години креира и шие венчаници и свечени фустани.
Властите во земјава во март воведоа мерки за поддршка на бизнис секторот, за коишто може да аплицираат и занаетчии и самостојни вршители на дејност.
Според претседателот на Занаетчиската комора на Скопје, Никола Петров, поради пандемијата се доведе во прашање опстојувањето на бизнисите и работните места на 5.800 занаетчии и 3.300 вработени во оваа дејност.
Мерка финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност предизвикана од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19 за месеците април, мај и јуни 2020 година: за април мерката е искористена од страна на 5.792 физички лица кои вршат самостојна дејност во износ од 83.984.000 денари; во мај мерката е искористена од страна на 5.985 физички лица кои вршат самостојна дејност во износ од 86.782.500 денари и во јуни мерката е искористена од страна на 5.838 физички лица кои вршат самостојна дејност во износ од 84.651.000 денари.
Останува да се следат препораките на надлежните и да се почитуваат за да може час поскоро оваа ситуација да се стабилизира и да можат секторите во иднина да се вратат на старите патеки.