Биро покрај тиркизен зелен океан, палми и ветар, личен асистент, како и освежителни пијалоци достапни цело време
Ова на прв поглед можеби изгледа како премногу имагинативна листа на желби за фрустриран вработен кој работи од дома, но луксузно одморалиште на Малдиви неодамна понуди токму таков „работен пакет“, со сите горенаведени и бројни други предности, пишува Си-Ен-Ен.
Туристичкото одморалиште „Nautilus Maldives“ е отворено на 1 септември, и им нуди можност на заинтересираните туристи и гости да ја преместат својата „домашна канцеларија“ од нивниот дом во луксузна канцеларија на атолот Баа, што е на списокот на резервати на УНЕСКО. Но, понудениот пакет поради цената, не е за секого.
Седумдневен престој кој вклучува седум ноќевања за двајца во една од 26-те луксузни куќи на самата плажа, изнесува 23.250 долари, а за двонеделен или тринеделен престој тука треба да се издвојат 37.850 или 52.000 долари, пренесува SEEbiz.
На сите кои сакаат да работат на овој начин, одморалиштето нуди „совршена приватност и изолација“ во одморалиште кое се наоѓа на приватен остров, со дневна јога, фитнес или медитација, како и можност за приватно изнајмување луксузна јахта од која, после напорниот работен ден, на зајдисонце, можат да го следат пливање на стадо делфини.
Доколку се одлучите за еден од понудените пакети, ќе можете да работите неколку часа секој ден од затскриената песочна плажа каде што ве чека работна маса и настрешница за заштита од сонце. Во таква сцена во позадина, несомнено ќе ви завидуваат сите ваши колеги за време на секој работен видео повик.
За да не се оптеретувате со административниот дел од пријавувањето за доаѓањето на Малдиви, пријателскиот персонал ќе го стори тоа за вас. За тоа време, безгрижно ќе го испиете својот коктел во приватен салон на аеродромот.
Малдивите во моментов се отворени за сите туристи кои имаат доказ за негативен тест PCR на kovid 19, кој не смее да биде постар од 72 часа, сметајќи го времето од поаѓање од дестинацијата.
Другите атрактивни одморалишта нудат слични пакети за секој што работи од дома за време на пандемија.
На пример, дестинациите како што се Барбадос или Бермуди им нудат на туристите работни визи до една година, а многу американски хотели рекламираат слични нови услуги.
Хотелот The Sawyer од Калифорнија, нуди куќарки со базен со безбедна Wi-Fi мрежа, паркинг и ручек по цена од 150 долари на ден, а хотелот Hamilton во Вашингтон лансираше пакет што им овозможува на гостите престој до 16 часот, со појадок, по цена од 109 долари на ден.