ХДЗ и нејзината влада почнуваат да ја спроведуваат забраната за работа во недела, потврди утрово владиниот портпарол Марко Милиќ за хрватски „Индекс“.
Станува збор за предизборното ветување на ХДЗ, во кое тие најавија забрана за работа во недела со 14 работни недели годишно, кои би ги одредиле работодавачите.
Што се однесува до неработната недела, политичкиот став на владата на ХДЗ е непроменет, сакаме неделата да биде неработна. Подготвуваме закон што ќе ја регулира работата во недела, земајќи го предвид балансот помеѓу работата, одморот и поминувањето време со семејството и блиските“, рече Милиќ.
Засега е непознато дали владата ќе се држи до предлогот од 14 неработни недели, оставајќи ги работодавците да одлучат кои недели ќе бидат неработни, или предлогот ќе се модифицира. Но, познато е дека владата планира да забрани работа во повеќето недели, а тогаш треба да бидат отворени само пекарници, бензински пумпи и киосци, и веројатно продавници на станиците.
Како што рече Милиќ, првите состаноци на таа тема ќе се одржат оваа недела, но не со работодавците, туку со синдикатите, а потоа треба да се разговара со работодавците.
Министерот за труд и пензиски систем, Јосип Аладровиќ, исто така, ја коментираше оваа состојба и потврди дека денес веќе се состанува со синдикатите.
„Нашиот општ став е дека неделата треба да биде неработна. Треба да најдеме компромис со тој цивилизациски став, владиниот предлог е дел од неделите да бидат работни, но повеќето недели да бидат неработни”, рече Аладровиќ.