На прашањето Каде да се обратам во случај да добијам висока сметка за вода која сметам дека не сум ја потрошил, од Организацијата на потрошувачи на Македонија, преку изработена брошура, упатуваат дека корисникот треба да се обрати до јавното претпријатие Водовод и канализација, односно да поднесе жалба до Комисијата за спорни сметки формирана од самото јавно претпријатие. Комисијата, во рок од 15 дена, ќе испита која е причината за високата сметка и ќе го извести потрошувачот. Доколку е направена грешка, односно на потрошувачот му се наплатени повеќе парични средства, а состојбата на водомерот покажува дека помалку потрошил, тие ќе му бидат одбиени од наредните сметки.
Доколку дефектот е на водоводната инсталација која оди до водомерот и на водомерот (закочен, неисправен и сл.), обврската за отстранување на дефектот е на ЈП Водовод и канализација, но доколку станува збор за дефект на водоводната инсталацијата после водомерот, обврската за санирање на дефектот е на сопственикот на станот или куќата.
Најчести поплаки од потрошувачи упатени до Народниот правобранител, во поглед на услугите на ЈП Водовод и канализација:
- Наплата на застарени долгови за вода
- Наплата на долгови од претходен сопственик иако сопственоста е променета. Отсуство на редовно читање на водомерите и задолжување на корисниците со паушални износи
- Незадоволство од одлуките на Комисијата за спорни сметки
- Незадоволство од кампањата за исплата на сметки без камата поради условеноста за плаќање на долговите и трошоците во целост што ја прави акцијата неуспешна.
Корисниците на услугите на ЈП Водовод и канализација имаат можност да ја пријават состојба на своите водомери самостојно, без да има потреба некој од јавното претпријатие физички да дојде во нивниот дом и да ја прочита. Потрошувачите тоа можат да го направат на едноставен, лесен и безбеден начин, со следење на упатствата, приложени на следната е-адреса: e.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација (со симнувањето на апликацијата на претпријатието на мобилен телефон и со испраќање слика преку апликацијата со што се приложува состојбата на водомерот). Сликата треба да биде доволно јасна за да се читаат податоците за потрошената вода.
Секој корисник има можност да ја пријави состојбата на својот водомер во периодот од 10-ти до 16-ти во месецот. Кај водомерите со директен бројчаник, потребно е само да се прочита состојбата на бројчаникот на водомерот.