Еве кои знаци покажуваат дека вашиот имунолошки систем се бори со некоја закана
Нашиот имунолошки систем всушност претставува армија на клетки која се бори против бактерии и вируси, за да бидеме здрави. Многу фактори можат да го загрозат имунитетот – стрес, недостиг на сон, некои лекови и одредени болести, но кога ќе се случи тоа, телото знае што треба да прави.
Освен тоа, кога имунитетот се бори против нешто и кога е загрозен, тој ќе ви испраќа различни сигнали, а ова се некои од нив.
Постојано сте уморни
Заморот е чест симптом на некои автоимуни болести, каде што поради нарушувањето на нормалната функција, имунитетот напаѓа здрави ткива и органи. Автоимуните состојби предизвикуваат премногу активен имунолошки систем, кој гледа закана и таму каде што ја нема. Ако сте уморни без очигледна причина, како вирус, настинка, недостиг на сон или напорна работа, тоа може да е сигнал дека имунитетот се мачи да одговори на заканата.
Рацете ви побелуваат на ладно
Проблемите со циркулација може да бидат поврзани со дисфункција на имунолошкиот систем. Доколку рацете лесно ви побелуваат на ладно, тоа значи дека немаат доволен проток на крв, а тоа може да се поврзе со некои состојби и нарушувања на имунолошкиот систем. Исто така, оваа претерана осетливост на ладно може да се манифестира и на носот, ушите и прстите. Се вика Рејноов феномен, а може да биде сигнал на некои автоимуни заболувања, како што се лупус или нарушувања на тироидната жлезда.
Кожата ви е црвена и ве чеша
Кожата е една од првите одбранбени линии кога патогените се обидуваат да влезат во телото. Ако кожата одеднаш ви станува црвена и ве чеша, а не се работи за јадеж, дерматитис или алергиска реакција, тоа може да е знак дека вашата кожа реагира на некои закани во околината.
Тоа може да биде и симптом на хиперосетливост кога телото развива нови алергиски реакции на нешто. Во тој случај, имунолошкиот систем се мачи да ги разликува заканите и на потполно безбедните супстанции реагира како на закана. Резултатот на тоа е воспаление на кожата и црвенило.
Ви се јавуваат нови алергии или ви исчезнуваат старите
Тоа особено може да биде случај кај луѓето кои имаат примарна имунодефициенција, односно вродено нарушување на функцијата на имунолошкиот систем.
– Имунолошкиот систем мора да знае како да престане да се бори против некои инфекции и да сфати кога воопшто не станува збор за инфекција, велат од американската Фондација за имунолошка дефициенција.
– Затоа, ако еден дел од имунолошкиот систем не работи како што треба во борбата против инфекцијата, можно е да не може ни да го спречи нарушувањето на функцијата на другиот дел од имунолошкиот систем.
Меѓутоа, постои и друга страна на приказната. Ако вашиот имунолошки систем е инаку здрав, но моментално е загрозен, тоа може да ги намали алергиските реакции. Ослабените алергиски реакции исто така можат да бидат знак на ослабен имунолошки систем.
– Како што имунитетот слабее, хипералергиските реакции исто така слабеат, вели доктор Ентони Веидо, што значи дека кога е загрозен имунитетот, слабеат и алергиските реакции.
Ако напролет имате помала реакција на полен, на којшто сте инаку алергични, а често сте настинати, тоа е знак дека имунитетот не ви е баш во најдобра состојба.
Инфекции кои одново се појавуваат
Никако да се ослободите од некои габични инфекции? Или можеби постојано ви се појавува херпес? Хроничните инфекции се чести кај луѓето кои имаат имунодефициентни нарушувања, бидејќи телото не може да се ослободи од бактериите или од вирусните поттикнувачи кои предизвикуваат инфекција. Поради тоа, инфекцијата постојано се враќа.
Доколку имате некои од овие симптоми, најпаметно би било да одите на доктор и да проверите што го спречува вашиот имунолошки систем да работи како што треба. Во меѓувреме, обидете се да го зајакнете имунитетот со здрава исхрана, физичка активност, спиење, но и со тоа што редовно ќе ги миете рацете и ќе одржувате хигиена.