Адамо Канто, долгогодишен вработен во британскиот кралски двор, призна дека крадел лични предмети од кралицата Елизабета и нејзиното семејство, па ги продавал на И-беј.
Тој на И-беј понудил 37 предмети, а кражбите ги извршил меѓу ноември 2019 и август 2020 година, пренесе Би-би-си. Украдените предмети полицијата ги нашла во собата на Канто во кралската палата.
Меѓу украдените предмети се и потпишани слики од принцот Хари, Вилијам и Кејт, како орден што му припаѓа на главниот слуга на дворот. Адамо украл и слика од државниот банкет направена при посетата на Доналд Трамп на Британија, која наводно вреди 2.000 фунти.
Сите украдени предмети вредат меѓу 13 илјади и 135 илјади фунти. Канто признал дека крадел од кралицата и додал дека поради пандемијата, кога голем дел од вработените во палатата речиси и не доаѓале на работа, тој имал пристап до простории во кои претходно не влегувал.
Според Би-би-си, Канто најверојатно ќе биде осуден на затворска казна.