
Австриската покраина Салцбург планира во болниците и домовите за стари и изнемоштени лица да се вработуваат само луѓе кои се вакцинирани против Ковид-19.
– Во нашите болници веќе постои де факто задолжителна вакцинација, бидејќи статусот на имунизација се проверува пред вработување и вакцините кои недостасуваат мораат дополнително да се примат, објасни секретарот за здравство и потпретседател на покраината Салцбург, Кристиан Штекл.
Тој принцип ќе се применува и при новите вработувања кога ќе се појави вакцината против коронавирус.
Штекл бара задолжителна имунизација против Ковид-19 не само за вработените во болниците и домовите за стари и изнемоштени лица, туку и за оние во градинките и училиштата во Салцбург. За таквиот потег, Штекл побара да се направи проверка на правните можности.
Меѓутоа, не постои можност да се воведе задолжителна вакцинација против коронавирусот и за околу 15.000 луѓе кои се моментно активно вработени во болниците и домовите за стари и изнемоштени лица.