Иницијативата за неработна недела за сите е предмет на дебати веќе месец дена. Конечно решение не е донесено, а мислењата на синдикатите, работодавачите, работниците, економските експерти се драстично поделени и различни
Едни сметаат дека недела е ден за одмор и вработените во маркетите, моловите, угостителските работници и сите оние за кои недела е обичен работен ден, заслужуваат да го имаат тоа право барем еден ден од викендот да поминат со семејството.
Друи сметаат дека стопанските субјекти кои работат и во недела не можат да си дозволат да стават клуч тој ден, посебно не периодов кога неизбежно се погодени од кризата предизвикана од актуелната пандемија.
Економските експерти сметаат дека нашата економија не е спремна да издржи ваков голем чекор.
А кое е мислењето на посетителите на нашиот сајт? Прашавме во анкета, а резултатите се следни:
Дури 83% од анкетираните ја поддржуваат иницијативата за неработна недела за сите. Ова се дел од коментарите:
„Недела е ден за сите да уживаат со семејствата, тој што сака да си пазари за дома може да го направи тоа во текот на неделата и сабота, а не во недела на сите што им е досадно дома си акаат по молови. Одамна требаше да биде прогласен за неработен!“
„Секој има право барем еден ден со семејството. А ние ќе се научиме да се снабдиме на време.“
„Што побрзо, тоа подобро. Со можност да има зачестени контроли во денот недела, бидејќи работниците од приватниот сектор кско што се во текстилот, маркетите и сл, ќе бидат повторно понижени за да работат овој ден, доколку не се има контроли и слично.“
„Освен неработна недела и саботата треба да биде неработна, како што е во државниот сектор, така треба да биде и во приватниот сектор, сите вработени треба да бидат еднакви пред уставот и законите. За добро на сите.“
Оние кои се изјасниле дека се против оваа иницијатива (5%), во дел од коментарите го образложуваат својот став кој гласи: „1/7 од вработените во субјекти кои работат во недела ќе бидат отпуштени доколку недела се прогласи за неработен ден“.
5% сметаат дека нашата економија не е спремна на ваков чекор, а 7% ја поддржуваат оваа иницијатива, но само во случај работодавачите да имаат право на избор да работат или не.