Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави нов пакет мерки за помош на економијата, додека на сите граѓани ќе им бидат исплатени 30 евра во мај и ноември, а на пензионерите уште 50 евра
Претседателот Вучиќ кој беше гостин во РТС, ги објави деталите на новиот финансиски пакет помош на економијата, поделен во четири групи мерки.
Директна поддршка на приватниот сектор - одиме на три пати по 50 проценти од минималната плата, од 1 март, а од 1 април ќе има исплата за претприемачи, за микро, мали и средни претпријатија, постои дилема и за големи компании, додаде Вучиќ.
Втората мерка, вели тој, се однесува на автопревозниците кои ќе добијат 600 евра по автобус.
Една од мерките се однесува на зголемување на потрошувачката - во мај и ноември, сите српски граѓани кои ќе аплицираат ќе добијат по 30 евра, додека пензионерите ќе добијат уште 50 евра.
Тоа значи дека пензионерите ќе добијат вкупно 110 евра, објасни претседателот.
Тој најави дека државата ќе ја „прошири гарантната шема“ за нови 500 милиони евра, со цел да се зачува ликвидноста на економскиот сектор.
На прашањето од каде парите за тие мерки, Вучиќ одговори дека станува збор за „српски пари, од српската каса, од сериозна српска држава“.
Тој истакна дека поради тој економски пакет, државата нема да има проблеми и додаде дека јавниот долг на Србија нема да надмине 61%.
Ние држиме сè под контрола, нема да оставаме долгови на децата и сè зависи од нашиот раст, рече тој.