Дрекслмајер донираше апарат за новата лабораторија на ЈЗУ Центар за јавно здравје Прилеп, каде ќе се извршуваат PCR тестирања за детектирање на вирусот Ковид 19
Кавадарци, 22 февруари 2021 – За опремување на молекуларната лабораторија во склоп на лабораторијата за микробиологија во ЦЈЗ Прилеп, Дрекслмајер донираше нов апарат „AB Genix“ кој претставува автоматски екстрактор на нуклеински киселини РНК и ДНК, а ќе се користи за тестирање примероци од нос и грло од пациенти сомнителни на Ковид 19. Со ова ќе се зголеми капацитетот на тестирања во градот и околината, а воедно ќе се намали времето на чекање за овој вид тестирања.
„Би сакала да искажам огромна благодарност до компанијата Дрекслмајер што ни овозможи да ја комплетираме лабораторијата за молекуларно тестирање во склоп на микробиолошката лабораторија во ЦЈЗ Прилеп. Со помош на овој апарат времето за чекање на резултатите значително ќе се намали. Истата оваа опрема во иднина ќе служи и за изолација на нуклеински киселини РНК и ДНК и за други вирусни и бактериолошки испитувања. Станува збор за опрема што ќе им служи и на идните генерации“ – рече Д-р. Драгица Николовска, директорка на ЈЗУ Центар за јавно здравје во Прилеп.
Од почетокот на пандемијата Дрекслмајер во повеќе наврати донираше медицинска опрема како помош на здравствените институции во борбата со Ковид 19. Изминатиот период и ЈЗУ Општа болница Кавадарци доби четиристотини брзи тестови за брзо детектирање на вирусот.
„Како општествено одговорна компанија се стремиме да излеземе во пресрет онаму каде што е најпотребно. На овој начин, во време на глобална здравствена криза, сакаме да го дадеме својот придонес за заштита на јавното здравје, така што од една страна ќе ги подобриме условите за работа на здравствените работници со нови современи медицински апарати, а од друга страна граѓаните ќе добијат брза и ефикасна услуга. Како компанија која е партнер на регионот остануваме посветени на зајакнувањето на меѓусебната соработка во напорите за побрзо и поефикасно справување со пандемијата“, истакна Лукас Мирингер, генерален директор на Дрекслмајер во Kавадарци.
Секој од нас е дел од општеството и сноси одговорност во подобрување на јавното здравје. Затоа, да ги почитуваме пропишаните мерки за заштита и да се однесуваме совесно и одговорно.