Поучени од пандемичното искуство кога купувањето преку Интернет значително скокна, шведскиот текстилен бренд Hennes & Mauritz (H&M) размислува да претвори добар дел од својата огромна мрежа на продавници во логистички центри за поддршка на продажбата преку Интернет.
Според Financial Times, раководството на компанијата размислува што да прави со скоро 5.100 продавници ширум светот, кои главно биле неупотребливи за време на пандемијата.
Во екот на првиот бран од пандемијата пред една година, четири петтини од физичките продавници на H&M беа затворени.
До крајот на ноември минатата година забележа загуба од 22,6 милијарди долари.
Извршната директорка Хелен Хелмерсон смета дека компанијата ќе излезе од пандемијата посилна.
“Мрежата на физички продавници што ја имаме е една од нашите јаки страни. Тие можат да играат друга улога, во различен формат“, вели таа.
Додека конкурентите ставаа акцент на зајакнување на продажбата преку Интернет, H&M отвораше стотици нови физички продавници секоја година.
Така, во 10-годишниот мандат на претходниот извршен директор Карл Јохан Персон, сега претседател на компанијата – бројот на продавници скокна за 150%.
Минатата година H&M оствари најмало зголемување на бројот на продавници во последните неколку децении. Отворени беа 200 продавници, претежно на растечки пазари, а затвори 175 продавници.