До четврток ќе преовладува сончево време. Утринските температури на повеќе места ќе се спуштаат под нула, а дневните од среда ќе бидат во пораст, најави Управата за хидрометеоролошки работи.
Утре ќе дува умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер. За време на викендот, како што информира УХМР, ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремен локален дожд.
И метеорологот Славчо Попоски излезе со слична прогноза за времето кое не чека наредните денови:
Од денес и официјално започнува климатолошката пролет, што значи дека полека но сигурно одиме кон топлиот дел од годината.
До четврток нашата територија ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок и на стабилна и сува воздушна маса која ќе условува претежно сончево и релативно топло време преку ден со максимални температури кој ќе се искачуваат во интервалот од 8 до 17 степени, додека од среда повторно во најтоплите предели температурите се очекува да се искачат до околу 20 степени.
Од петок облачноста ќе се зголемува и за време на викендот ќе има услови за повремен локален дожд.
Во Скопје и околината продолжува сончевото и релативно топло време преку ден. Од петок облачноста полека ќе се зголемува. Максималната дневна температура на воздухот како денес, така и во следните неколку денови се очекува да се искачи до околу 15 степени.