Трошоците за работна сила по час во ЕУ се зголемија во просек за 3,1 % минатата година, утврди Евростат. Во еврозоната тие се зголемија за 2,9 %, според извештајот на Европскиот завод за статистика.
Меѓу земјите од ЕУ кои не се во еврозоната, трошоците за час на работна сила изразени во национална валута најмногу пораснаа во Унгарија во 2020 година, за 7,9 %. Следат Бугарија со зголемување на трошоците за 7,8 %, Чешка со 7,4 % и Романија со 7,2 %.
Најмалку се зголемија во Шведска и Данска, со 1,1, односно два отсто.
Во групата земји на ЕУ кои не се членки на еврозоната, Хрватска беше единствената земја во 2020 година што забележа пад на вкупните трошоци за работна сила по час, за еден процент, покажува извештајот.
Меѓу членките на еврозоната, Португалија забележа најголемо зголемување на вкупните трошоци за работна сила по час, за 8,6 %. Следат Литванија и Словачка, каде што пораснаа за 7,5, односно седум проценти.
Најмалку се зголемија во Луксембург, за 0,5 % и во Финска и Холандија, со 0,7, односно 0,8 %.
Пад на трошоците за работна сила по час во еврозоната беше регистриран само во Малта, за 4,7%, како и во Кипар и во Ирска за 2,7 %.
Повеќето земји од ЕУ ги поддржаа компаниите и работниците минатата година со програми што го ублажуваат влијанието на пандемијата, претежно субвенционирајќи работа со скратено работно време и привремени отпуштања, забележува Евростат.
Програмите се евидентираат како субвенции во ставката придонес, со негативен предзнак, додаваат статистичарите, пренесува Seebiz.
Големи разлики
Просечниот трошок за работа по час во ЕУ минатата година изнесуваше 28,5 евра, а во еврозоната 32,3 евра.
Во 2019 година, изнесуваше 27,7, односно 31,4 евра.
Износите затскриваат огромни разлики меѓу земјите, така што трошоците во Бугарија се дури седум пати пониски отколку во Луксембург, според извештајот на Евростат.
Во Бугарија, тие изнесуваат 6,5 евра и се најниски меѓу земјите на ЕУ. Следат Романија со 8 евра и Унгарија со 9,9 евра.
Во оваа група спаѓаат и Литванија и Летонија со 10,1, односно 10,5 евра и Хрватска со вкупна цена на работната сила за час во 2020 година од 10,8 евра и Полска со 11 евра.
Меѓу земјите од еврозоната, најниски трошоци за работна сила на час се забележани во Словачка и Естонија, со 13,4, односно 13,6 евра, и Португалија со 15,3 евра.
Во Словенија и Шпанија изнесуваа околу 20 евра, а во Германија, Холандија и Австрија се движеа меѓу 30 и 40 евра.
Највисоката цена на работната сила на час во 2020 година ја забележа Данска, од 45,8 евра. Следат Луксембург и Белгија со 42,1, односно 41,4 евра.