Народната банка на Република Северна Македонија објавува оглас за вработување на 3 извршители
Врз основа на член 59 од Законот за Народната банка на Република Македонија и Одлуката за утврдување потреба од засновање работен однос бр.04–10520/1 од 1 април 2021 година, Народната банка на Република Северна Македонија распишува
ОГЛАС
за вработување на 3 извршители во Народната банка на Република Северна Македонија
1. Народната банка на Република Северна Македонија објавува оглас за вработување на 3 извршители и тоа:
-
1 извршител на неопределено време на работно место „статистичар за ИТ поддршка“ во Отсекот за изготвување и објавување екстерни статистики во Дирекцијата за статистика;
-
1 извршител на неопределено време на работното место „специјалист за односи со јавност” во Кабинетот на гувернерот и
-
1 извршител на определено време на работно место „помлад аналитичар почетен I степен“ во Отсекот за движењата во реалниот сектор во Дирекцијата за монетарна политика и истражување.
2. Кандидатите кои ќе засноваат работен однос на работните места од точка 1, треба да ги исполнуваат следниве општи услови за засновање на работен однос утврдени во Колективниот договор на ниво на Народната банка на Република Македонија: да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни, да имаат општа здравствена способност за работното место и да не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност.
3. Покрај општите услови за засновање на работен однос утврдени во Колективниот договор на ниво на Народната банка на Република Македонија, кандидатите, треба да ги исполнуваат и следниве посебни услови:
– за работно место „статистичар за ИТ поддршка“ во Отсекот за изготвување и објавување екстерни статистики во Дирекцијата за статистика да имаат: завршено факултет од областа на информатичките науки со најмалку 180 ЕКТС кредити (VIБ), најмалку 2 години работен стаж стекнат по завршувањето на високото образование, познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка.
Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивното познавање на работа со компјутер (Microsoft развојна околина, работа со бази на податоци MS SQL сервер и работа со склад на податоци и бизнис интелигенција).
– за работното место „специјалист за односи со јавност” во Кабинетот на гувернерот да имаат: завршено факултет од областа на општествените или хуманистичките науки со најмалку 180 ЕКТС кредити (VIБ), најмалку 2 години работен стаж стекнат по завршувањето на високото образование, познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка.
Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивното познавање на англиски јазик.
– за работното место „помлад аналитичар почетен I степен” во Отсекот за движењата во реалниот сектор во Дирекцијата за монетарна политика и истражување: да имаат завршено факултет од областа на економските науки со најмалку 180 ЕКТС кредити (VIБ), да бидат со или без работен стаж, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка.
Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивните стручни знаења од областа на работењето, потребни за работното место.
4. Кандидатите за работните места од точка 1 потребно е да достават: пријава, кратка биографија, доказ за државјанство издаден од надлежен орган на Република Северна Македонија, потврда од надлежен орган (Централен регистар на Република Северна Македонија или надлежен суд) за не изречена казна, забрана за вршење професија, дејност или должност (не постара од 6 месеци пред денот на поднесувањето на пријавата), диплома или уверение за завршено образование (согласно барањата за секое работно место), доказ за познавање на англиски јазик, доказ за познавање на работа со компјутери и доказ за работен стаж од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија.
Сите докази, потврдата, дипломата или уверението за завршено образование, може да бидат доставени во копија.
5. Работното време, во работната недела за работните места од точка 1 на оваа одлука , започнува помеѓу 8,00 и 9,00 часот, а завршува помеѓу 16,00 и 17,00 часот.
6. Во согласност со Колективниот договор на ниво на Народната банка, со кандидатите кои ќе засноваат работен однос на работните места од точка 1, кои имаат работен стаж и за првпат склучуваат договор за вработување со Народната банка, ќе се склучи договор за вработување со вршење пробна работа во времетраење од 1 месец.
Со кандидатот кој ќе заснова работен однос на работното место од точка 1 алинеја 3, кој нема работен стаж, ќе се склучи договор за вработување со вршење на приправнички стаж во времетраење од најмногу 12 месеци.
Висината на основната (нето) плата за работните места „статистичар за ИТ поддршка“ и „специјалист за односи со јавност“ изнесува 44.479,00 денари, додека за време на пробната работа, изнесува 50% од основната (нето) плата, односно 22.662,00 денари.
Висината на основната (нето) плата за работното место „помлад аналитичар почетен I степен“ изнесува 26.258,00 денари. За време на пробната работа, изнесува 50% од основната (нето) плата, односно 13.308,00 денари, додека за време на приправничкиот стаж изнесува 70% од основната (нето) плата, односно 18.635,00 денари.
7. Договорот за вработување склучен на определено време, може да се продолжи со анекс кон Договорот, во согласност со одредбите од Законот за работните односи.
8. Рокот за доставување на документите изнесува 7 работни дена, сметано од наредниот ден од денот на објавувањето на огласот.
9.Изборот на работниците кои ќе засноваат работен однос во Народната банка ќе се изврши во рок од 45 дена по истекот на рокот за пријавување.
10.Ненавремената и не потполната документација нема да биде разгледувана.
11.Пријавата е објавена на интернет страната на Народната банка на Република Северна Македонија.
Пријавата со потребната документација да се достават до Архивата на Народната банка на Република Северна Македонија, Бул.„Кузман Јосифовски Питу“ бр.1 – Скопје.