Интересот за учество во експериментот беше огромен. За една недела, повеќе од 1,5 милиони волонтери пријавија желба да учествуваат во големата студија за безусловниот основен доход. Организаторите бараа 1,500 учесници, од кои 120 ќе добиваат 1,200 евра месечно за период од три години.
„Тие не мора да прават ништо освен да пополнат седум онлајн прашалници за овие три години“, се наведува во описот на експериментот. Парите ги спонзорираат 150,000 донатори и за нив примателите не плаќаат данок. На крајот, секој учесник ќе добие по 43,200 евра, или севкупно 5,2 милиони евра за целиот проект. Сето ова беше иницирано од добротворна организација од Берлин.
Претставниците на добротворната организација „Мојот основен приход“ (Mein Grundeinkommen) се убедени дека безусловниот приход за сите граѓани ќе реши многу проблеми. Претпоставката е дека луѓето ќе станат покреативни, послободни и посреќни доколку не се постојано соочени со притисокот да заработуваат доволно за да преживеат.
Дали тоа ќе го покаже и реалноста, ќе испитуваат научници за време на проектот. „Ќе анализираме што прават луѓето во периодот додека имаат гарантирана материјална сигурност“, вели шефот на проектот Јирген Шуп од германскиот Институт за економски истражувања за ДВ.
Меѓу прашањата кои него го интересираат се: Дали луѓето ќе ги потрошат сите пари или нешто ќе заштедат? Дали целосно ќе престанат да работат или ќе работат помалку? Ќе донираат ли пари на други?
Експериментот ќе му ги даде на неговиот тим сите потребни одговори, вели Шуп. Дури и промените во нивото на стрес кај луѓето може да се идентификува со помош на примероци од коса, вели тој.
извор: www.dw.com