Иако голем е бројот на луѓе кои се соочуваат со финансиски потешкотии, сепак со душа го чекаат годишниот одмор за да заминат некаде покрај вода или на планина, поблизу или надвор од границите, за да си дадат мала оддишка, да се посветат на себе, семејството и пријателите и на крајот да соберат доволно енергија за предизвиците што ги очекуваат кога ќе се вратат на работа.
Еве неколку совети за да заштедите и да уживате:
Бидете личен “министер за финансии“ – водењето на семејниот буџет, грижата за финансиите што влегуваат и излегуваат од домот претставуваат сериозна обврска и носат голема одговорност. Доколку сите приходи во семејството “легнуваат“ на едно место, полесно ќе ги распоредувате за сите неопходни трошоци во текот на месецот. Па така, штедењето за летниот одмор нека ви биде навика уште од почетокот на годината, а не еден до два месеца пред да заминете на одмор. Бидете сам свој “министер за финансии“, избуџетирајте дел од семејните приходи, па секој месец одвојувајте одредена сума. Тој износ штом се акумулира, ќе биде како добредојден кога треба да го платите сместувањето и сите останати трошоци за летниот одмор.
Користете early booking – “раната“ резервација може да ви биде од голема корист и да имате доволно пари за да си го дозволите одморот од соништата. Разгледувајте ги понудите на туристичките агенции неколку месеци порано, па доколку знаете кој период ќе одите на одмор, резервирајте го омилениот хотел. Преку early booking може да се направи зделка за одмор по цена пониска за 10, 20,30, па дури и 50%. Но, бидете претпазливи и добро проверете ги условите што се нудат.
Поголемите трошоци поместете ги за на пролет или на есен – планирате да купите нов автомобил, сакате да го реновирате домот, имате деца кои се запишуваат на студии… без разлика во кој период од животот се наоѓате, секогаш се појавуваат поголеми трошоци, некои од нив планирани, некои не. Кога зборуваме за оние планираните, обидете се да ги поместите пред да заминете или откако ќе се вратите од одмор.
Одморот нека ви биде задоволство, а не извор на дополнителни главоболки – немате доволно пари за одмор, не посегнувајте веднаш по заштедените пари за нешто поважно или веднаш да отидете во банка по кредит. Размислете како паметно да ги менаџирате финансиите, за да не ви предизвика одморот само главоболка и дополнителен товар за семејниот буџет.