Букетите со цвеќе што им ги даваат на олимпијците на свеченото доделување на медалите на ЛОИ во Токио, имаат специјално значење.
Цвеќињата доаѓаат од североисточните јапонски провинции кои беа уништени од земјотресот и цунами во 2011 година и погодени од последиците од топењето на реакторот во нуклеарната централа Фукушима. Освојувањето на олимписки медал е голем момент за секој спортист, но букетите, што ќе им бидат дадени на над 5.000 олимписки и параолимписки победници имаат посебно значење оваа годинa: Со нив домаќините им оддаваат почит на жртвите од несреќата во Фукушима.
Речиси 20.000 луѓе загинаа во катастрофите што ги погодија јапонските префектури Иват, Фукушима и Мијаги. Од овие провинции потекнува најголемиот дел од цвеќињата што ќе им бидат подарени на победниците на овогодинешните Олимписки игри.
Сончогледите кои доминираат со букетите, потекнуваат од провинцијата Мијаги и ги засадија членовите на семејството на загинатите деца. Семејствата засадија цвеќиња на падините на ридовите каде што нивните деца избегаа од цунамито.
Белите и виолетови цвеќиња потекнуваат од Фукушима и се одгледуваат како дел од иницијативата започната за заживување на локалната економија по катастрофата што го уништи земјоделството таму.
Малите светло сини цветови се одгледуваат во Иват, крајбрежна област уништена од цунамито во 2011 година. Букетот, исто така, се состои од светлозелени цвеќиња од аспидистра одгледани во Токио и избрани како претставници на градот домаќин на Игрите.
Извор: kajgana.com