Пред еден месец, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објави охрабрувачки извештај дека владините субвенции за фосилни горива ќе паднат за повеќе од 40% во 2020-та година. Ова беше добра вест наспроти позадината на падот од 30% пријавен во 2019-та година, пишува „Bloomberg“.
Но, овие бројки не значат автоматски дека земјите ја намалуваат поддршката за индустријата. Постојат две причини за ова намалување – големата контракција на потрошувачката за време на пандемијата и падот на цените, рече агенцијата.
Поддршката е многу посуштинска од директните субвенции и опфаќа инвестиции направени од државни компании, даночни олеснувања, државни гаранции и простување на исплатите за концесија.
Пресметките на „Bloomberg NEF“ покажуваат дека Г20, групата на најиндустриски земји, сѐ уште поддржува државни енергетски компании, кои честопати се монополисти во снабдувањето со енергија.
Севкупната сума која земјите од Г-20 издвојуваат помеѓу 2015-та и 2019-та година за директна поддршка за јаглен, нафта и природен гас, како и капацитет за согорување на фосилни горива, е во вкупна вредност од 3,3 трилиони долари. Во 2015-та година, субвенциите за овие индустрии изнесуваа 706 милијарди долари, а во 2019-та година е 636 милијарди долари, што е намалување за околу 10%.
Најзначајната поддршка ја обезбедува Саудиска Арабија, иако земјата ги преполови субвенциите за фосилни горива. Меѓутоа, во исто време, САД и Канада го зголемија владиното финансирање за индустријата. Во рамките на ЕУ, Германија ги намалува парите за 17%, но во исто време Франција ги зголемува за 40%.
Русија и Кина, исто така, го зголемуваат финансирањето за фосилни горива за по 4%, покажуваат податоците на „Bloomberg“, врз основа на односот на субвенцијата кон населението.
Субвенционирањето на цената на енергијата за потрошувачите е исто така клучно за зазеленување, бидејќи ефтината енергија не се штеди – ниту кога станува збор за електрична енергија во домот, ниту кога станува збор за горивото во автомобилот. Кога бензинот е ефтин, возачите имаат помал поттик да се префрлат на електрични автомобили.
Декарбонизацијата ќе биде многу тежок процес, но не и невозможен, пишува „Bloomberg“. Аналитичарите на агенцијата проценуваат дека ќе треба да се инвестираат помеѓу 92 трилиони и 173 трилиони долари во следните триесет години за да се исполнат климатските цели. И секој долар инвестиран во различни насоки од неутралност на јаглеродот ќе ја направи реализацијата на идејата уште посложена.