Русинката Ксенија Овчиникова тврди дека го прекршила предвелигденскиот пост поради тоа што „Мекдоналдс“ ја намамил да купи чизбургер, и поради тоа, таа ќе го тужи американскиот ланец на ресторани за брза храна.
Русинката го известила судот во рускиот град Омск, таа постела за време на седумнеделните предвелигденски пости. Во април 2019 година, среде постот, Овчиникова шетала по улицата „Карл Маркс“ каде наишла на билборд со реклама на „Мекдоналдс“ за чизбургер и „чикен мекнагетс“. Таа тврди дека рекламата ги нарушила нејзините верски чувства и ја намамила да купи чизбургер, со што го прекршила постот, за прв пат во последните 16 години.
„Во тој момент постев околу еден месец. Кога го видов билбордот, не можев да одолеам и отидов да купам чизбургер“, наведува Овчиникова во тужбата. Русинката бара морална компензација од 1.000 рубљи или 13.5 долари од „Мекдоналдс“.
Од друга страна, Руската православна црква вели дека Овчиникова треба да бара прошка од Бога, а не надомест од ресторанот.
„Ја советуваме да оди на исповед, а не на суд“, велат од црквата.