Лекарите се особено познати по тоа што имаат ракопис што речиси никогаш не може убаво да се прочита. Имаме дури и слоган што се користи кога некој има грд ракопис „пишуваш како доктор“. Сепак, постојат добри причини зошто ракописот на докторот е многу тешко да се дешифрира. Можеби звучи чудно, но некои од докторите забележуваат дека порано пишувале убаво и уредно.
- Знам дека другите луѓе имаат проблем да ги дешифрираат моите белешки. Јас освоив наградата за убаво пишување на училиште, а сега мојот ракопис е целосно нечитлив - рече д -р Рут Брокато.
Причината за тоа, како што тврдат експертите, се големите работни обврски што ги имаат лекарите. Многу пациенти, работните денови се долги, многу пишување ...
- Ракописот на докторот се влошува во текот на денот, бидејќи малите мускули во рацете се заморуваат - објаснува д -р Ашер Голдстајн и додава дека убавиот ракопис е последното нешто за што се грижат лекарите додека ја вршат својата работа.
Лекарите постојано брзаат, кога би можеле да одвојат по еден час за секој пациент, наместо околу 15 минути, и малку да го забават работниот ритам, тогаш тоа би се одразило на нивниот ракопис.
Покрај тоа, жаргонот што го користат лекарите и професионалните имиња честопати се целосно неразбирливи за пациентите, па кога ова ќе се искомбинира со невештото пишување, не е чудно зошто само лекарите можат да го читаат тоа што го напишале.
Имало случаи кога пациентите ги загубија животите поради нечитлив ракопис на доктор. Според извештајот од 2006 година, повеќе од 7.000 луѓе умираат поради медицински грешки предизвикани од нечитлив ракопис. Тоа е една од причините зошто сега повеќе лекари се свртуваат кон електронските медицински документи, бидејќи тоа е начинот да се избегнат ваквите трагедии.