Астронаутите на Меѓународната вселенска станица за прв пат одгледаа чили пиперки, кои ги искористија за да си зготват тако. Првите пиперки беа набрани во петокот, соопшти НАСА.
Семињата, во ISS беа донесени во јуни, како дел од експериментот на НАСА да се истражи можноста за одгледување на различни видови храна во вселената. Експериментот треба да даде одговори за можностите да се воспостават извори на храна за долги мисии, потенцијално на Марс.
Астронаутот на НАСА, Меган Мекартур, во петокот твитна дека екипажот веќе ги пробал пиперките и дека таа ги користела за да зготви тако.
НАСА во јули соопшти дека пиперките ќе растат околу четири месеци, како дел од експериментот Plant Habitat-04 (PH-04) како прв обид да се одгледаат чили од семе до производ. НАСА тогаш соопшти дека екипажот ќе ги изеде пиперките ако изгледаат добри, а исто така ќе зачува некои за да ги врати на Земјата за проучување.
Одгледувањето храна во вселената, за НАСА има логистички придобивки како што е носењето помалку пакувана храна од Земјата, но грижата за вселенските култури може да има и психолошки придобивки за екипажот. Патувањата далеку од Земјата, вклучително и на Марс, може да траат со месеци или дури со години и имаат ограничени можности за снабдување.
Извор: meta.mk