На 700 локации низ Париз, брзината на електричните тротинети е ограничена на десет километри на час од 15 ноември, јавува француската онлајн телевизија BFMTV.
Тротинетите ќе имаат ограничена брзина на улиците кај училиштата, пазари, како и во паркови, градини, околу цркви и други верски објекти, во пешачки зони и прометни улици.
На крајот на јуни беше спроведено експериментално возење со ограничена брзина од десет километри на час во Париз, на Плоштадот на Републиката и околу музејот Лувр.
Првото ограничување на брзината беше воведено во 2019 година, а тогаш на електричните тротинети не им беше дозволено да надминуваат брзина од 20 километри на час.
Француските власти годинава воведоа регулативи за електричните тротинети.
Според законот, тротинетите генерално не смеат да надминуваат брзина од 25 километри на час, мора да имаат само еден возач и да се движат по велосипедски или патеки наменети за тој тип на возила.