Пивскиот бренд Corona, како и повеќето луѓе, имаше прилично тешка година или две, па поради тоа се реши да создаде сопствено островско прибежиште исполнето со пиво и природа.
Се работи за идиличен остров сместен во Крапиското Море, со прекрасна бистра вода и песочни плажи. Corona става голем акцент на заштитата на природата и еколошката одржливост, па затоа посетителите на островот ќе мора да живеат без пластични производи и да се хранат со локално пораснати состојки.
Управувањето на островот е во согласност со принципите на Oceanic Global – непрофитна организација која има за цел заштита на меѓународните води. Островот на Corona е во фаза да биде првиот кој ќе се здобие со квалификацијата Blue Verified Island, како потврда за заложбите за негово одржливо користење.
Меѓутоа, главното прашање е како да се стигне до островот? Епа, за тоа Corona ќе организира наградна игра, во која ќе може да учествуваат само фановите од следните држави: Аргентина, Бразил, Канада, Чиле, Колумбија, Доминиканската Република, Еквадор, Гватемала, Парагвај, Перу и Јужна Африка.
Победниците на наградната игра ќе добијат целосно платен одмор на островот, кој ќе биде отворен напролет во 2022.
„Островот Corona не е како ништо што сме направиле досега. Како бренд кој е толку длабоко поврзан со природата, сакавме да ѝ оддадеме почит и да ја славиме природната средина која нé снабдува со 100% од нашите природни состојки. Сега повеќе од било кога, луѓето имаат потреба да се поврзат со надворешниот свет. Ги покануваме луѓето од секаде во светот да се сплотат и да комбинираат едукација со одговорен туризам. Нашата надеж е штом гостите се вратат дома, тие да бидат повторно заљубени во природата“ – истакнува Фелипе Амбра, глобаниот потпретседател на брендот Corona.