За да го покрене расположението меѓу жителите во пресрет на Божиќните и Новогодишните празници, властите од Берлин издадоа посебни билети за јавен превоз што содржат масло од коноп.
Откако ќе се искористи билетот во машините за валидација, тој може да се изеде. Берлинските власти велат дека ваквиот потег може да има смирувачки ефект кај корисниците на јавниот превоз, олабавувајќи ги граѓаните од стрес и од секојдневните грижи.
Билетите може да се набават по цена од 8,8 евра, направени се од хартија што може да се јаде, која е попрскана со три капки масло од коноп добиено од семе на растението канабис. Билетите се со валидност од 24 часа, а во продажба се пуштени илјадници билети од страна на општинското претпријатие што го организира јавниот превоз во Берлин.
„На овој начин можете да патувате без проблеми низ Берлин цел ден, а потоа едноставно да го проголтате божиќниот стрес заедно со билетот“,
Тие додаваат дека нивниот билет што се јаде не содржи забранети материи, бидејќи од канабисот не се користи цвеќето, туку маслото добиено од семето од ова растение.
Инаку, потегот на општинските власти од Берлин во јавноста се прима како увертира на најавата на новата германска влада дека планира да ја легализира употребата на канабисот. На општинско ниво, германските социјалдемократи со зелените и левицата го управуваат германскиот главен град.
Еден од главните приоритети на новата германска влада предводена од канцеларот Олаф Шолц е токму легализацијата на употребата на канабисот во лиценцирани простории, со контроли на квалитетот и дистрибуцијата.
Извор: meta.mk