Позната работа е дека Јосип Броз Тито не го сакал Дедо Мраз. Дедото со бела брада во црвен костум предизвикувал негативни реакции кај маршалот. Но, зошто било така, пред неколку години открила кустосот на Музејот на историјата на Југославија, Ана Паниќ.
Отсекогаш се знаело дека празниците се легитимизирани од властите и дека тие се тука, како што истакнала Паниќ, „да го слават она што е на власт, па така Новата година и другите социјалистички празници биле тука за да ги заменат оние старите религиозни празници како славите, Божиќ, Велигден“.
Затоа, во првите години на СФРЈ, Дедо Мраз бил осуден како болшевичко-свештеничка креација затоа што го потсетувал Јосип Броз Тито на Свети Никола, слава којашто воопшто не ја сакал.
Имено, државните празници, кои се користеле за промовирање на комунизмот и се славеле „по партиска задача“, ги избришаа границите меѓу личните и социјалните, а една од нивните главни функции беше интеграцијата. Како што објаснила Паниќ, Новата година, која до Втората светска војна не била претерано популарен празник меѓу Југословените, требало да го замени дотогашното празнување на Божиќ во јавниот живот на СФРЈ, но и вешто да ги избегне поделбите на населението на различни вероисповеди и да создаде чувство.припадност на една заедница – помладата СФРЈ.
Секако, кога еден политичко-општествен правец има за цел бришење на верските разлики, во таа приказна никако не може да оди и Свети Никола. Прашање е само, како Тито го поврзал Свети Никола со Дедо Мраз?
– Интересна е приказната за етимологијата на зборот Дедо Мраз и за неговата симболика. Таа објаснува зошто Тито не го сакал чичкото со бела брада во црвен капут. Името Дедо Мраз, како што го нарекуваме, е со потекло од руското име Дед Мороуз и во поранешната паганска руска традиција тој претставувал крал на зимата кој одел од куќа по куќа, а нему луѓето му подарувале подароци, како еден вид молба – студената зима да им помине полесно. А, Дедо Мраз, каков што го знаеме од детските филмови, со долга, бела брада и црвен капут, нема врска со тој Дед Мороз, туку со Санта Клаус, кој е верзија на холандско старо божество, поврзано со Свети Никола – објаснила Ана Паниќ и додала:
– Симпатичниот дедо со брада и црвена облека потсетува на Свети Никола, кој исто така има црвена облека, долга брада и на децата им дели подароци, додека кралот на зимата секогаш бил во зелена облека и никогаш не бил толку дебел, туку е претставен како тенка фигура со долга, не бела, туку сива брада. Кралот на зимата не делел подароци, луѓето нему му подарувале дарови во замена за безгрижен зимски период – рекла кустосот Паниќ и додала дека поради тоа во првите повоени години Дедо Мраз бил непосакуван на Титовите прослави на Нова година, а и меѓу народот.
Антифашистичкиот фронт на жените, кој во Југославија бил задолжен за афирмација на Новата година, според Ана Паниќ, одел на тоа Дедо Мраз да го замени со млада девојка, бидејќи новата млада држава била во подем и млада девојка треба да ја симболизира и државата и Новата година.
– Имено, постоело и цело сценарио според кое млада девојка ја сретнува старата година на која ѝ раскажува за тоа кој бил добар, а кој бил лош и како поминала таа претходна година. Потоа, младата девојка, како персонификација на новото општество, им дели подароци на децата, а во тоа можел и да ѝ помага стар партизан. Меѓутоа, тоа сценарио никогаш не се остварило – вели Паниќ.
Верзиите на Дедо Мраз како лик варираат меѓу различни култури, религии и народи.