Шведски стартап започна да регрутира гаврани и да ги тренира да собираат догорчиња од улиците и плоштадите во Седертаље, во близина на Стокхолм. Во рамките на овој проект, чија цел е да се намалат трошоците за отстранување на отпадот, гавраните се тренираат така што им даваат малку храна секогаш кога ќе стават пикавец во машина дизајнирана од „Corvid Cleaning“.
„Тоа се диви птици кои учествуваат на доброволна основа“, рече Кристијан Гинтер-Хансен, основач на „Corvid Cleaning“.
Според Фондацијата „Keep Sweden Tidy“, секоја година на улиците на градовите во земјата се фрлаат над милијарда догорчиња од цигари, што е околу 62% од вкупниот отпад. Седертеље троши 20 милиони шведски круни годишно за чистење улици или над 1,9 милиони евра.
Гунтер-Хансен проценува дека благодарение на новиот метод на неговата компанија, трошоците поврзани со отстранување на отпушоци од улиците би можеле да се намалат за најмалку 75 отсто.
Пилот-проектот се спроведува во Седертаље, по што, доколку се покаже како успешен, треба да започне во Стокхолм и во другите градови.
Истражувањата покажаа дека новокаледонските гаврани, кои припаѓаат на семејството corvidae, кога станува збор за расудување се на ниво на седумгодишно дете.
Тие се сметаат за најпаметни и затоа најпогодни за оваа работа.
Досега многупати се покажало дека овие птици се многу снаодливи, како на пример кога на пат фрлаат орев од устата и чекаат да дојде автомобил и да го скрши.
„Овие птици се најлесни за тренирање и најголеми се шансите да учат една од друга. Во исто време, постои и најмал ризик некои од нив случајно да изедат отпад “, вели Гинтер-Хансен.
Томас Турнстром, претставник од општина Седертеље, вели дека би било интересно да се види дали овој пилот проект ќе биде успешен и во други средини.
„Исто така, многу е интересно што се покажа дека можеме да ги научиме гавраните да собираат догорчиња од цигари, а не можеме да ги научиме луѓето да не ги фрлаат на земја“, заклучува тој.
извор: lokalno.mk