Штом се случи земјотрес, најчесто и поголемиот број од нас, прво проверуваме на социјалните мрежи или на веб-страницата каде што се регистрираат земјотреси, дали навистина имало или ни се причинило.
Би можело да ве интересира: Овие апликации ќе ве предупредат пред земјотрес – не сте ни знаеле дека постојат, а може да ви го спасат животот!
Наместо најпрво да проверуваме информации на интернет што се случило и кој бил интензитетот, првата реакција секогаш треба да биде да се заштитиме себеси и блиските.
Како да се заштитите?
Прво е исклучително важно да останете смирени и да размислувате рационално. Паниката може да резултира со погрешни чекори и евентуални несакани последици.
Важно е да знаете, во просторијата во која што се наоѓате, кои се носечките внатрешни ѕидови и греди и веднаш да застанете под нив, покривајќи ги главата и вратот. Запомнете! Не користете лифт или скали за брзо напуштање на објектот, ниту за време на ударот, ниту после завршувањето на земјотресот, се до информацијата дека е безбедно.
Останете подалеку од надворешните ѕидови, прозорците, вратите, ормарите и плакарите, изворите на топлина, апаратите од бела техника, огледалата, лустерите и поголемите висечки светлосни тела и сл. кои би можеле да се затресат или придвижат како резултат на земјотресот.
Ако сте во кревет и немате време да се засолните, останете во креветот, а со перницата и рацете покријте ги главата и вратот. Доколку над креветот има масивен лустер или сијалица, тогаш засолнете се покрај креветот или внатрешниот ѕид покривајќи ги главата и вратот.
Креветите поставете ги подалеку од прозорците или од масивниот мебел и огледала. За да не се случи незгода, потешките предмети ставете ги на подолните полици, а кршливте предмети чувајте ги во затворени шкафови. Лесно запаливите течности и хемикалиите не ги чувајте до извор на топлина, за да спречите настанување на пожар.
Имајте предвид дека како последица од земјотресот, може да дојде до прекин на доводите на струја, вода и телекомуникации. Исто така, можеби ќе се вклучат противпожарните инсталации и алармите.
Доколку сте на отворено, засолнете се подалеку од згради, објекти, рекламни паноа, или високи дрва. Во вакви околности, големи се шансите како резултат од земјотресот да паднат оџаци, кровови или други предмети. Затоа, спуштете се на земја и заштитете ги главата и вратот со рацете.
Земјотресите имаат потенцијално најголемо влијание во смисла на загуба на животи и долгорочни штети и загуби на општеството и локалните заедници.
Подготвеноста може да спаси животи, нашиот и на другите околу нас.
Информирајте се за состојбите во вашата средина, кои се потенцијалните опасности, ризици и закани во местото во кое што живеете.
Телефонски броеви за итни повици:
Минатиот месец се воведе Единствениот Европски повикувачки број 112 кој е нов и единствен број за повикување помош за каков било вид на итни и кризни состојби.
Останатите телефонските броеви за итни повици се:
– 195 Центар за управување со кризи
– 194 Итна медицинска помош
– 193 Територијални противпожарни единици
– 192 Полиција