Жената која освоила 115 милиони фунти на лотаријата „EuroMillions 2019“, која веќе поделила повеќе од половина од својата добивка, открила што прво направила кога дознала за добивката.
Френсис Коноли од Хартлпул ги потрошила парите на пријателите и семејството и основала две добротворни фондации.
Се потсетила на моментот кога дознала дека купила добитен лоз. За добивката ја известил нејзиниот сопруг Патрик додека гледале телевизија.
„Мислам дека прв пат во животот бев шокирана и немав што да кажам. Гледавме еден во друг околу пет минути, станавме, се прегрнавме, а потоа отидов да направам чај“, рекла таа.
Поранешната социјална работничка и наставничка, која претходно волонтирала во Итна помош, рекла дека во нејзината природа е да им помага на другите.
„Патрик секогаш ми велеше дека ако добијам на лотарија, никогаш нема да ми дозволи да отворам мејл или да одговорам на телефон, бидејќи сето тоа би го подарила“, објаснила Френсис.
Набрзо откако ги освоила парите, Коноли направила листа на луѓе на кои сака да им помогне. Успеала дак да и помогне на својата сестра да излезе од финансиски проблеми и на својот внук му дала пари да ја купи куќата во која биле потстанари.
Основала и две фондации, фондот Кетлин Грем во чест на нејзината покојна мајка во Северна Ирска и „PFC Trust“ во Хартлпул кој им пружа поддршка на бегалците и народните кујни.
Додека повеќето луѓе кои сонуваат да добијат на лотарија замислуваат бескрајни денови на релаксација, овој брачен пар вели дека никогаш не работел толку напорно.
За себе, од добивката одвоиле пари со кои купиле голема куќа со плац.
„Потрошивме доста и на себе, уживавме во своите пари, и одлично си поминавме“, заклучил парот Коноли.