Невидениот пораст на цените на најбараните половни луксузни часовници покажува знаци на смирување, откако некои сопственици ги понудија на продажба своите модели Rolex и Patek Philippe.
Индексот Subdial50, кој ги следи светските цени на 50-те најпродавани луксузни часовници, изгуби околу шест отсто од својата вредност во претходните 30 дена. Црниот Rolex Daytona, наведен како 116500LN, изгуби 10 отсто од својата вредност минатиот месец, иако неговата вредност сè уште е зголемена за 19 отсто на годишно ниво. Синиот спортски часовник Patek Philippe Nautilus 5711, кој се продава за околу 119.000 фунти (145.230 долари), изгубил околу 12 отсто во изминатите 30 дена, откако скокнал за 44 отсто во изминатите 12 месеци, покажаа податоците.
„Побарувачката за некои модели нагло се зголеми, но цените се вратија на малку поразумна мерка што е во согласност со реалната побарувачка“, рече Рос Крејн, еден од основачите на Subdial.
Индексот, кој ги вклучува моделите Rolex Daytona, Datejust и Submariner, како и неколку модели на Patek Philippe Nautilus и Royal Oak на Audemars Piguet, порасна за околу 32 отсто во претходната година.
Тоа го прави инвестирањето во луксузни часовници попрофитабилно од другите алтернативни инвестиции, вклучително и винтиџ часовници, злато и секако криптовалути, кои забележаа голем пад во последниве месеци. S&P 500, исто така, е на пат за својот најлош шестмесечен период од 1970 година.
Интересот за колекционерски предмети од стари модели на часовници достигна врв за време на пандемијата на коронавирусот, бидејќи клиентите, затворени во своите домови и со вишок пари, ги нарачаа преку Интернет. Некои инвеститори гледаа на половните часовници како следниот вид на пожелна инвестиција.
Цените на некои модели од Rolex, Patek Philippe и Audemars Piguet се зголемија повеќе од двојно, бидејќи пазарот, каде дотогаш главно беа колекционери и купувачи за хоби, беше преплавен од нови инвеститори. Откако Patek објави дека го прекинува производството на 5711 nautilus, неговата цена уште повеќе се зголеми.
Сега кога вредноста на криптовалутите и технолошките акции драстично опаѓаат, а каматните стапки растат, расте бројот на луѓе кои сакаат да ги продаваат своите часовници.
извор: biznisinfo.mk