Македонскиот шеф Виктор Настески кој веќе со години работи на брод се обидува да го сподели своето искуство од долгогодишната работа и да им помогне на домашните угостители да опстанат во ова време на економска криза и недостаток на квалификуван кадар, особено готвачи кои во летниот период масовно заминуваат на работа во Хрватска.
Неговите совети се однесуваат на тоа што смета тој дека може да им помогне на газдите, менаџерите и шефовите на кујна во угостителските објекти за да опстанат во оваа криза и при недостаток на квалитетни угостители, претежно готвачи.
„Под итно скратете ги вашите менија, и наместо досегашните 50+ ставки на менито, сведете го менито на миниум ставки. Фокусирајте се на квалитет, а не на квантитет!
Задржете ги јадењата кои најмногу ви се трошат и исфрлете ги оние кој најмалку се трошат. Со тоа кратење ѝ овозможувате на кујната да биде поефективна во својата работа и да се фокусира на тие неколку фантастични јадења. Верувајте дека со тоа ќе добиете на многу подобар квалитет и брзина на услугата, со самото тоа им помагате и на келнерите. А што е најбитно, со кратење на менијата ќе ги скратите и вашите трошоци, што моментално е најголемиот проблем во угостителството, а и воопшто.
Уште во старт имате за купување помалку намирници, а воедно ќе имате и помалку фрлање на храна при приготвувањето“, советува Виктор како да се подобри квалитетот на храната во угостителските објекти, но и да се намали отпадот од храна.
Сами ќе процените како ви оди работата и колку е менито ефективно. Но со моето долгогодишно искуство ви гарантирам дека кратките менија секогаш имаат поголеми резултати од подолгите. Квалитет пред квантитет. Бидете креативни и извадете едно лесно ама убаво јадење еднаш неделно и нека го промовираат келнерите тоа јадење како специјалитет на денот или на неделата!“
Како битен момент на кој Настески мисли дека не се обрнува внимание кај нас, е тоа што готвачите пржат риба и се друго во истиот зејтин.
„Буквално го уништувате целиот ваш труд со тоа! Знам дека зејтинот е скап и сакате да заштедите, но тоа не е начин бидејки губите на квалитет и тоа ќе ви се врати како бумеранг. Доколку сакате да го избегнеге тој момент, а воедно и да заштедите, тогаш исфрлете ја пржената риба од менито. Можете да ставите на менито риба која се пече на скара. Нормално, треба да имате и посебна скара за риба. Има и други методи за да се избегне тој момент ако имате само една скара“, пишува тој.
извор: artkujna.mk