Гугл го отпушти високиот софтверски инженер Блејк Лемоин, кој тврдеше дека неговиот чет-бот базиран на вештачка интелигенција „LaMDA“ има самосвест на седумгодишно дете. Гугл кој минатиот месец го испрати Лемоин на платено отсуство, рече дека тој ја прекршил политиката на компанијата.
Компанијата оцени дека неговите тврдења за таа компјутерска програма – јазичен модел за дијалошки апликации „се целосно неосновани“, наведува Гардијан.
„За жалење е што, и покрај неговата долгогодишна вклученост во овој проект, Блејк сепак реши упорно да ги прекршува јасните прописи за правата на вработените и безбедноста на податоците, кои ја вклучуваат потребата да се заштитат информациите за производите“, се вели во соопштението на Гугл.
Минатата година Гугл објави дека „LaMDA“ е изградена врз основа на истражување кое покажало дека моделите на компјутерски јазици можат да научат да зборуваат за што било. Лемоин тогаш изјавил дека системот на кој работел е самосвесен и има перцепција и способност да ги изразува мислите и чувствата како дете.
„Да не знаев дека тоа е компјутерска програма што неодамна ја создадовме, ќе помислив дека зборувам со седумгодишно, осумгодишно дете кое случајно знаело физика“, изјави тогаш Лемоин за Вашингтон пост.
Тој истакна дека „LaMDA“ го навела да зборува за теми како што се човековите права и личноста, а во април оваа година ги споделил своите наоди со раководителите на компанијата во документот насловен „Дали е LaMDA разумен? По тој повод, инженерот составил транскрипт од разговорот со програмата „LaMDA“.
Гугл и многу водечки научници набрзо ги отфрлија ставовите на Лемоин како погрешни, посочувајќи дека „LaMDA“ е едноставно сложен алгоритам дизајниран да генерира човечки јазик кој звучи убедливо.