Причина се растечките трошоци поврзани со развојот на возилото со погон на внатрешно согорување, како и сѐ построгите прописи за емисиите на испуштени гасови. Во извештајот на германската публикација „Велт“ се вели дека актуелната осма генерација на „ФВ голф“ би можела да биде и последна.
Можното испраќање на автомобилот „голф“ во пензија не звучи толку изненадувачки, ако се земе предвид дека земјите на ЕУ се договориле за продажба само на возила со нулта емисија од 2030 година. Меѓутоа, тоа е во спротивност со претходната објава на „Фолксваген“, во март минатата година, која ги потврди новите генерации на „голф“, „Т-рок“, „тигуан“ и „пасат“, пред да се премине само на електрични возила за осум години.
Актуелната генерација на „голф“ е претставена во 2019 г. и се темели на најновата верзија на модуларната МОБ-архитектура. Тоа значи дека со освежувањето во 2023 или 2024 година, животниот век на „голф 8“ би можел да се продолжи до 2028 година. Дотогаш електричните опции најверојатно ќе бидат значително поевтини, благодарение на поевтините батерии, а тоа потенцијално значи да се пронајде алтернатива за погонот со внатрешно согорување во компактниот сегмент, кој е застарен.
Доколку тимот на „Фолксваген“ одлучи да се ослободи од логото „голф“, тоа ќе означи крај на една ера, бидејќи првата генерација на овој модел беше претставена во далечната 1974 година. Но по пензионирањето на популарната „буба“ во 2019 година, очигледно е дека компанијата нема да се колеба да го пензионира и овој популарен модел, во полза на својата нова линија електрични возила.