Атина е прогласена за најдобро место за евтин градски одмор на европскиот континент, а цените паднале за 15 отсто во споредба со минатата година. Анализата на 20 града што ја спровела британската „Пост офис травел мани“ покажа дека главниот град на Грција ги надминува традиционалните пониски цени во Источна Европа во однос на низа типични туристички трошоци.
Вкупната сметка за престој во Атина, вклучувајќи оброци, сместување во хотел, билети за атракции и локален превоз, изнесува 207 фунти, во споредба со 218 фунти за второпласираниот Лисабон.
Ниските цени во Атина вклучуваат 38,96 фунти за вечерен оброк за двајца со вино, 89 фунти за две ноќевања во хотел со три ѕвезди и 7,79 фунти за 48-часовна карта за јавен превоз.
Следните три најевтини места се Краков во Полска со 219 фунти, Рига во Летонија со 220 фунти и Будимпешта во Унгарија со 221 фунта.
На другиот крај на континентот, шест града чинат најмалку двојно повеќе од патувањето до Атина, а Амстердам чини 593 фунти. Потоа следуваат Венеција со 457 фунти, Копенхаген со 456 фунти, Даблин со 436 фунти, Париз со 423 фунти и Стокхолм со 421 фунта, пренесува „Скај њус“.
Ник Боден, шефот на британската пошта, рече дека две од пет лица што планираат да патуваат во странство оваа година ќе направат градски одмор, што ќе го направи најпопуларен тип на одмор, и ги советува патниците да си ја завршат домашната задача и да ги проверат цените пред да резервираат.
Воспоставените фаворити, како Париз, Амстердам и Венеција, можеби се најдобриот избор меѓу туристите што ги анкетиравме, но тие се и скапи места за посета. Атина и Лисабон се двојно поевтини и нудат сончева есенска клима, како и ниски цени – рече Боден.