Истражување објавено во Journal of Human Resources покажа дека првородените деца се многу подобри во когнитивни тестови од нивните браќа и сестри и тоа уште во најраното детство. Исто така се подобри кога станува збор за успех во училиштето и интелектуален успех, а сето тоа е резултат од вложувањата на родителите.
„Кога ќе го добијат првото дете родителите се стремат работите да ги прават на правилен начин и со самото тоа имаат поголема свест за нивната интеракција со првородените деца и вложувањата во нив. Со секое следно дете родителите се повеќе се опуштаат и обрнуваат помалку внимание на работите кои не се основна грижа“, објаснува Жи-Јеон Леман.
Иако родителите ги сакаат сите деца подеднакво, првородените добиваат најмногу внимание кога станува збор за ментална стимулација. Освен тоа, првото дете со никој не треба да го дели вниманието и времето на родителите.
Експертите потврдуваат дека родителите околу првото дете вложуваат најголем труд бидејќи не знаат што ги чека, а притисокот од околината е огромен.
Кога родителите успешно го одгледуваат првото дете, со останатите деца се загрижени за други предизвици, на пример како да посветат еднакво време и внимание на помалото дете и слично.
Истражувањето покажало дека родителите минуваат помалку време читајќи им на помладите деца, како и учејќи ги на основните поими како азбуката или броењето. И додека ваквиот стил на одгледување не влијае на ставот и способноста на детето, сепак влијае на неговиот успех.
Вложувањето во интелектуалниот развој на првото дете има долготрајни позитивни ефекти на неговиот развој. Најстарото дете во повеќето случаи ќе има повисок коефициент на интелигенција од помладите браќа и сестри, а поголема е веројатноста, вели науката, подоцна во животот да стане директор или политичар.
извор: kajgana.com